Македонија

До крајот на годинава договор за минималната пензија

16.08.2023 12:41

Работната група до крајот на годинава треба да најде решение за минималната пензија. Но, министерката Тренчевска како нереално го оцени барањето да изнесува 18.000 денари, оти ќе се оптовари пензискиот систем. Ресорот од Уставен суд ќе бара мислење за второто барање на оние кои протестираат-да има линеарно покачување од 3.500 денари…

До крајот на годинава треба да падне договор за минималната пензија. Министерката за труд и социјална политика Тренчевска, очекува работната група во којашто има претставници на пензионерите да ги утврди потребните измени на законот. Според неа, барањето од протестите, минималната пензија да изнесува 18.000 денари е нереално, имајќи го предвид износот на минималната плата од 20.000, а тоа ќе значи дополнително оптоварување на фондот.

„Законското решение коешто е во моментов и за кое јас морам да истакнам при носењето на новата методологија во 2022 година, сите пензионери се согласија и дадоа поддршка, вели дека 50 проценти од просечните трошоци за живот и 50 проценти од порастот на просечната плата во изминатото полугодие во споредба со полугодието кое претходело. Очекуваме во овие денови да ги добиеме податоците од Државниот завод за статистика и врз основа на овие податоци ќе видиме колку ќе биде. Можно е 6, а можно е и повеќе од 6 проценти“, изјави министерката Тренчевска.

Дали ќе има линеарно зголемување на пензиите како што бараат пензионерите, ќе зависи од Уставниот суд.

„Ние ќе доставиме барање за мислење до Уставниот суд. Зависно дали во моментов е уставно или не, линеарното покачување што го бараат пензионерите и врз основа на ова мислење на Уставниот суд, ќе го разгледаме во работната група што ќе ја формираме, и ќе донесеме конкретни одлуки и политики“, нагласи Тренчевска.

Во меѓувреме, се чекаат податоците на Државниот завод за статистика за износот на усогласувањето на пензиите од септември, кои ќе бидат повисоки за најмалку 6 проценти.

Министерството за труд и социјална политика засега не планира зголемување на старосната граница за пензионирање како што сугерираат со години од ММФ и Светска банка поради стабилноста на пензискиот фонд.

Ирина Гелевска