Руско - украински конфликт

Нови напади врз руски позиции

16.08.2023 12:58

Руските сили го нападнаа Измаил, клучното пристаниште за извоз на живот на Дунав, во близина до границата со Романија. Во јужниот дел на областа Одесa, предупредување за воздушна опасност...

Украинските сили повторно нападнаа руски позиции. Минатиот месец ескалираа битките во областа Лиман. Артилериските единици биле распоредени деноноќно за да го одбијат напредувањето на Москва. Властите се пожалија дека брзо им снемува муниција.

„Оружјето сè уште малку недостасува. Го имаме, но навистина немаме доволно гранати. За да се изврши офанзива, има тенкови, но нема авиони. Без авиони, тенковите се само цели“, изјави војник на 63-тата посебна механизирана бригада.

Москва ја засилува офанзивата на североисток.

„За да се одбие нападот, момчињата треба да пукаат час и половина, нека се приближат и нека се борат, во зависност од бројот на групи. Се обидуваме да ги зачуваме животите на нашата пешадија“, вели украински војник.

Руските сили извршија масовен напад врз клучните украински воено-индустриски објекти.

„Руските вооружени сили извршија масовен напад со прецизно оружје со долг дострел од воздух и море против клучните претпријатија на режимот во Киев, воената индустрија. Целта на нападот беше постигната, сите наменети цели беа уништени. Нанесена е значителна штета на воено-индустрискиот комплекс на Украина“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Украинскиот претседател, Зеленски, за време на посета на Запорожје, се сретна со борбени бригади и со повредени војници во болница. Ги пофали за нивните достигнувања во борбата против Русија.

„Сакам посебно да им се заблагодарам на сите наши војници кои ја ставија руската опрема во служба на Украина. Тоа е значаен доказ за способноста на нашите херои да одземат оружје од непријателот и да го користат“, изјави Зеленски.

Украина ја почна контраофанзивата во јуни, која напредуваше побавно од очекуваното поради цврстата руска одбрана.

По Одеса на Црно Море, Русија ги нападна и пристаништата на украинската страна на реката Дунав. Дронови со експлозив биле насочени кон двете пристаништа во во кои имало силоси за житни култури.

Брод со контејнер, заглавен во пристаништето Одеса, по повлекувањето на Москва од договорот за жито исплови преку Црното Море кон Босфорот.

 

Марина Ристова