Продолжуваат обвинувањата помеѓу Меџити и Сали за модуларните болници
Министерството за здравство ги анализира правните можности за да поведе постапка против ексминистерот Беким Сали, бидејќи тврдат дека во неговиот мандат, не само што не го раскинал договорот за модуларните болници, туку ги примил амбулантите со што одобрил нивна исплата...

Министерството за здравство ги анализира правните можности за да поведе постапка против ексминистерот Беким Сали, бидејќи тврдат дека во неговиот мандат, не само што не го раскинал договорот за модуларните болници, туку ги примил амбулантите со што одобрил нивна исплата, а потоа прекинал и генерирал долг и камата од 200.000 евра. Од здравство прашуваат, дали тој сака да прикрие дека осум месеци не постапувал по случајот и се обидува да ја префрли вината на друг?
„Дали Беким Сали знае кој бил министер кога се случил пожарот и кој ги водел постапките за набавка на амбулантите или зошто се плаши да им ги спомене имињата на оние кои тогаш биле на функција? Зошто и каков интерес има да ја извртува вистината и да ги штити претходниците? Беким Сали се плаши да каже која е компанијата која ги има изградено модуларните амбуланти? Имено, според документите во Министерството за Здравство, целосна лага е она што го изнесе Сали на прес-конференцијата во која тврди дека го раскинал договорот со изведувачот. Напротив, Сали не само што не го раскинал договорот, туку ги примил амбулантите со што практично одобрил нивна исплата“, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Наместо да се занимава со суштинското прашање, зошто извршиле исплата на компанијата „Брако“ за несреќата во модуларна болница во Тетово, Меџити го насочува вниманието кон периферните работи со очаен обид да ја тргне одговорноста од себе, возврати Сали. Тој не негира дека во неговиот мандат прифатил прием и решавање на неколку модуларни амбуланти, но тие според него биле подложни на ригорозни процеси за проверка на квалитетот и се воздржал од какви било плаќања кон фирмата „Брако“ поради тековни истражни постапки од Обвинителството и внатрешната ревизија.
„Ревизијата беше готова неколку недели пред моето разрешување, а судскиот епилог веќе во времето на министерувањето на Фатмир Меџити. Како што и тој самиот тврди – последниот прием и предавање на крајниот корисник, Здравствен дом – Скопје, на гореспоменатиот објект сум го овозможил ден пред моето разрешување. Да не бев сигурен во одлуката, имав можност да ја избегнам. Меѓутоа загриженоста на јавноста не е во тоа што трага Меџити, туку во неговата одлука да продолжи со исплата кон наведената компанија и покрај горенаведените црвени знамиња. Дали би можел Меџити да одговори јавно, имајќи пред себе извештај од ревизија која укажува на неправилности и судски процес којшто е во тек, како успеал да се мотивира за да побара исплата за таа фирма без да се расчистат овие околности?!“-вели поранешниот министер Сали.
Преписките меѓу Меџити и Сали доаѓаат откако ИРЛ објави истражување за пожарот во модуларната болница во Тетово каде компанијата „Брако“ беше посочена како еден од виновниците за трагедијата.
Викторија Милевска
