Бошко Ѓуровски кова стратегија и атмосфера во Австрија
Нашата најдобра сениорска селекција е во Австрија каде што се подготвува за контролните натпревари со Камерун и со Катар.

Селекторот Бошко Ѓуровски на овие дуели во последната недела од мај ќе продолжи со барање атмосфера и играчи кои ќе се вклопат во неговата стратегија пред септемврискиот старт во квалификациите за Евро 2016.
На пријателските средби со Камерун на 26-ти и со Катар четири дена подоцна, новиот кормилар на македонскиот национален тим ќе тестира повеќе фудбалери од домашното првенство, неколку дебитанти и помлади сили, но од разни причини нема да може да ги има на располагање Шиков, Хасани, Адеми, Ристовски, Стјепановиќ, Алиоски и Демири, на кои сериозно смета во новите квалификациски предизвици на репрезентацијата.
По сите откажувања и неизвесност на поширокиот список останаа 22 репрезентативци кои по доаѓањето на Попов, Мојсов и Бабунски, ќе се комплетираат и ќе ги продолжат подготовките во Куфштајн каде што против камерунците во понеделник ќе го имаат првиот тест.
Во петок во италијанското градче Риети противник ни е селекцијата на Катар.
