ХАВАИ

Над 100 загинати во катастрофалните пожари во Мауи

16.08.2023 14:49

Бројот на жртви може значително да се зголеми, вели гувернерот на Хаваи. Бајден најави посета на загрозените подрачја...

Федералните власти на САД испратија судски лекари, патолози и техничари на Хаваи за да помогнат во идентификација на загинатите. Округот Мауи ги објави првите имиња на жртвите во шумскиот пожар, што пред една недела го опустоши историскиот град Лахаина. Екипите со кучиња-трагачи пребарале над 30 насто од областа.

„Ова е она што го гледаме насекаде. Чудно е кога го гледате сиот пустош, а потоа, еве, нешто што не е зафатено. Совршен пример, зграда која воопшто не е погодена од пожарите“, изјави Френк Тејлор од тимот за потрага и спасување.

Видеоснимки од очевидци се појавуваат како докази во истрагата, за тоа кој е виновен за катастрофалните пожари во Хаваи. Поднесена колективна тужба, со низа критики за компанијата за снабдување со електрична енергија, затоа што не го исклучила напојувањето и покрај предупредувањата за силен ветер, а мрежата останала вклучена и кога десетици столбови почнале да паѓаат. Се бара одговорност од фирмата.

„Ветерот беше толку силен, ништо не можеше да одреди дека ќе ги откине водовите. Ако го разнесеше кровот од мојата куќа, искрено, немаше да ги обвинам нив. Слушаме приказни дека ги обвинуваат пожарникарите, иако тие го оставија животот таму. Не сакам да ја префрлам вината никому. Нема да им помогне тоа на жртвите“, вели Шејн Треу, сведок.

Гувернерот на Хаваи, објави дека бројот на жртвите расте. Најави дека претседателот Бајден ќе го посети островот. Ги предупреди луѓето да не ја искористуваат тагата на ожалостените семејства и да не купуваат имот во Мауи.

„Ако некој се однесува на предаторски начин кон луѓето кои страдаат во моментов, кои ги изгубиле своите најблиски или својот дом и се обидуваат да купат земја од нив, можете да бидете сигурни дека никому нема да дозволиме да гради. Обновата ќе биде само за нашите локални жители“, изјави Џош Грин, гувернер на Хаваи.

Екстремните температури, шумските пожари и поплавите, веројатно ќе станат почести бидејќи климатските промени влијаат врз глобалните временски услови. Експерти велат дека на властите им останува да развијат системи за безбедноста на луѓето, во пресрет на катастрофите.

 

Маријана Димовска