В петок седница за уставните измени, власта и опозицијата остануваат со спротивни ставови
Со дијаметрално различни ставови, пратениците на власта и опозицијата в петок влегуваат во законодавниот дом. Измени на Уставот во ваков формат и под бугарски диктат нема да поддржиме, повторија од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците да покажат одговорност, побараа од СДСМ со став дека ова е последна шанса за приклучок кон европскиот блок…

Во пресрет на собраниската седница на која треба да се дебатира за владиниот предлог за пристапување кон измена на Уставот, опозицијата останува на ставот дека вметнување на Бугарите во Уставот нема да има. Власта ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи на проевропскиот блок и да даде поддршка на уставните измени за да продолжи патот на земјава кон пристапни преговори со ЕУ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш повтори дека остануваат на ставот дека уставни измени ќе нема, пред седницата во петок. Оваа седница ќе биде добра можност да се види дека власта цела година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени, а не се ни блиску до уставни измени, рече координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски.
Во СДСМ очекуваат сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сфатат одговорноста којашто сите ја имаат пред граѓаните. Од СДСМ потенцираат дека ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок.
Шефот на македонската дипломатија во објавата на социјалните мрежи наведува дека станува збор за почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување сигурна и просперитетна европска иднина за граѓаните на Северна Македонија. Османи повика да „не се дозволи да се дефокусираме и дезориентираме, туку да го зачуваме курсот и родителската грижа за идните генерации“.
Поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија, Захариева ги повика, како што вели, да не се плашат од промените. Измената на Уставот на Република Северна Македонија не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во Република Северна Македонија и тоа мора да се прифати, потенцира поранешната шефица на бугарската дипломатија.
Спикерот на македонскиот парламент, Талат Џафери, претходно изјави дека доколку го нема потребно двотретинско мнозинство, тој може да ја заклучи дебатата за промена на Уставот, а гласањето да се одложи на неопределено време.
Игор Панов
