Реакција на партиите за протестите
ВМРО-ДПМНЕ повикува на смиреност на ситуацијата.

Апелира до младите кои изразуваат незадоволство и до нивните семејства да дозволат државата да постапува според законите.
„Секоја активност спротивна на законите ниту помага некому, ниту е праведна, туку само може да ја вовлече државата во сериозни предизвици и да креира големи тензии“,велат од ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската СДСМ побара одговори од Груевски и од Јанкулоска за случувањата во населбата Ѓорче Петров.
„СДСМ бара од Никола Груевски и Гордана Јанкуловска веднаш да престанат да се занимаваат со манипулации, да ги тргнат рацете од народот и медиумите и да се фатат со работа нивната работа сега е да ја смират ситуацијата во која ја однесоа Македонија со своите незрели политики“,Оливер Спасовски – генерален секретар на СДСМ
Реагираше МВР. Велат дека СДСМ го покажал своето вистинско лице и удрила жестоко по државните институции, ставајќи се во поддршка на поединци и групи кои доаѓаат да каменуваат, палат и уништуваат.
„СДСМ во ниту еден момент не се стави во одбрана на јавниот ред и мир и не го осуди вандалското однесување на поединци кои немаа намера мирно да протестираат. Напротив, цел на нападот на партијата повторно беа професионалните полициски службеници кои ги ризикуваат своите животи за да не дозволат одреден број хулигани да успеат во своите намери за одмазда и дестабилизирање на состојбата.
Доколку на ваквите настапи на СДСМ се надоврзат информациите лиферувани во медиуми блиски до партијата кои за време на протестите јавуваа за 50 повредени жени и деца или шпекулираа со починати лица, станува јасно која страна ја одбрала опозицијата и зошто нема ниту еден збор осуда за насилничкото однесување“, се вели во реакцијата на МВР.
Од снимките на МВР може да се забележи дека толпата ја каменува полицијата.
На пресот на СДСМ реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Го осуди ваквото однесување на опозициската партија и повторно апелира до сите фактори за смирување на состојбата.
За случувањата во Ѓорге Петров се огласи и ДУИ.
„Според официјалните податоци, убиството нема етнички и верски мотиви, па оттука тенденциите случајот да се стави во етнички контекст, се неодговорни и за осудување. Меѓуетничкиот соживот претставува вредност која бара наша грижа и посветеност, при тоа не заборавајќи дека однесувањето на секој поединец може да влијае директно врз овие односи“, се вели во соопштението на партијата.
Наташа Гркова Петрушевска
