Собранието утре ја почнува седницата за уставни измени
Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени. Власта и опозицијата остануваат со дијаметрално спротивни ставови...

Собранието утре и официјално започнува со работа со 123-та седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.
Во пресрет на собраниската седница на која треба да се дебатира за владиниот предлог за пристапување кон измена на Уставот, опозицијата останува на ставот дека вметнување на Бугарите во Уставот нема да има. Власта ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи на проевропскиот блок и да даде поддршка на уставните измени за да продолжи патот на земјава кон пристапни преговори со ЕУ.
Спикерот на македонскиот парламент, Талат Џафери, претходно изјави дека доколку го нема потребно двотретинско мнозинство, тој може да ја заклучи дебатата за промена на Уставот, а гласањето да се одложи на неопределено време.
