Справување со дезинформациите во образованието
Во Охрид се одржува технолошки камп за наставници од сите предметни области во основното образование, чија цел е да се спречат дезинформациите во образованието и да се стекнат вештини за нивно препознавање. Кампот е организиран од Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-ед од Скопје, Американската амбасада во Скопје и тимот на „Тек камп“ на Стејт департментот…

Медиумската писменост во образованието, справувањето со дезинформациите и лажните вести се темите на коишто во Охрид разговараат и споделуваат најдобри практики, 40 наставници и 8 ментори од САД, Обединетото Кралство, Грузија и од нашата земја. Најдобар начин за справување со дезинформациите според менаџерите на тренинг кампот е развивањето на вештини за нивно препознавање и стекнувањето на медиумска писменост.
„Со овие проекти наставниците ќе научат и ќе дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат и како да се справат со нив. Тие ќе можат да изберат кои проекти би биле интересни за нив, за да работат и ги имплементираат во вашата средина. Идеите ќе дојдат од самите учесници со поддршка на експертите со цел да се вмрежат и да работат на теми од нивен интерес“, вели Џесика Меккју, постар менаџер на тренинг-кампот.
Темите вклучуваат проблеми со коишто наставниците секојдневно се соочуваат, но и теми од областа на дигиталната писменост и вештачката интелигенција којашто е сè поактуелна во светот.
„Дезинформациите се насекаде и претставуваат проблем од широки размери, а уште поголем проблем е тие да се препознаат. Ова е единствен камп за едукатори којшто треба да им даде алатки на наставниците коишто ќе им ги пренесат на студентите и учениците за тие да ги препознаваат дезинформациите“, додава Нолан Херин, постар менаџер на тренинг-кампот.
Целна група на кампот се наставници од сите предметни области во основното образование заинтересирани за инкорпорирање на технологијата и вештините за медиумска писменост во нивната наставна практика.
Сашо Нелоски
