Интензивни борби на фронтот во Украина
Продолжуваат интензивните борби на терен. Најжестоките битки се водат во областа Лиман. Вашингтон со осуда за руските напади со дронови на магацините за жито и пристаништата по должината на Дунав…

Киев ги отфрли повиците да се откаже од дел од територијата во замена за членство во НАТО. Украинскиот министер за надворешни работи колеба вели дека одржува блиски односи со генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг, со кого делат ист став оти не може да се тргува со украинска територија. Кулеба тврди дека не се под притисокот од Западот да ја забрзаат контраофанзивата.
„Украинската војска ќе ја ослободи целата територија окупирана од руските сили, без оглед колку време е потребно. Нашата цел е победа, ослободување на нашите територии во границите од 1991-ва година и не ни е грижа колку долго ќе биде потребно“, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
Русија соопшти дека вооружените сили уништиле воен ешалон со муниција во областа Дњепропетровск.
„Јуришните одреди на руската група извршија успешни офанзивни операции и ја подобрија позицијата долж линијата на фронтот. Во насока Доњецк, единиците одбија четири напади на вооружените сили на Украина“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Залужни, ги информирал партнерите од НАТО и од Велика Британија за состојбата на фронтот и за офанзивните и одбранбените операции на украинските сили. Побарал муниција, оружје, системи за противвоздушна одбрана, за електронско војување, уреди за далечинско деминирање. Кај Лиман се водат жестоки борби.
„Русите неодамна имаа ротација. На почетокот се обидоа да напредуваат, но не успеаја. Прво не мислевме дека се работи за падобранци, но, кога видовме како трчаат далеку од нашите гранати, заклучивме дека тоа се навистина падобранци, кои брзо трчаа“, рече Виталиј, разузнавање со беспилотни летала во 100-та бригада за територијална одбрана.
Зеленски рече дека Украина го зголемува капацитетот за производство на беспилотни летала.
„Руските терористи, повторно, намерно ги напаѓаа нашите пристаништа. Цел беше самата инфраструктура вклучена во обезбедувањето на глобална безбедност на храна“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
САД ја осуди Москва, откако руски беспилотни летала ги нападнаа магацините за жито и пристаништата долж Дунав.
Марина Ристова
