Македонија

Мора да се знае вистината за модуларната болница, вели Ковачевски

17.08.2023 14:37

Мора да се знае вистината за модуларната болница, вели премиерот Ковачевски. Ги повика правосудните органи да работат на случајот. Министерот за правда Лога по разговорот со Јовески, денеска се сретна и со шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција Абази. Од Граѓанската платформа за борба против корупција, бараат оставка на државниот обвинител...

Вистината за модуларната болница треба да ја знаат сите – премиерот Ковачевски е уверен дека државниот обвинител Јовески е професионалец во браншата. Вели, Собранието има ингеренции да му постави прашања за истрагата за пожарот.

Премиерот дециден, правосудните органи да работат на случајот кога има прекршување на процедурите. Тој посочи дека Владата за модуларните болници ќе плати, само откако ќе бидат завршени сите правни постапки.

Додека Ковачевски смета оти Јовески е професионалец, Граѓанската платформа за борба против корупцијата бара оставка од државниот обвинител. Според нив, има простор за проширување или за ново обвинение, оти документарецот на ИРЛ отворил сомнеж за непрофесионално постапување.

Две години по пожарот, случајот повторно ја бранува јавноста. Министерот за правда, Лога, по разговорот со Јовески, на средба и со шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

 

Наташа Гркова Петрушевска