Тетово

Оштетената сајлата на жичарницата Тетово-Попова Шапка ја загрозува безбедноста

17.08.2023 14:41

Сајлата од жичарницата Тетово-Попова Шапка е оштетена и се спушта долж патот. Претставува голема опасност за луѓето, велат познавачите на приликите. Од „ЕЛЕМ Турс“, јавно претпријатие кое стопанисува со жичарницата, а која повеќе од две децении не е во употреба, велат дека преземаат чекори за отстранување на сајлата...

Жичарницата Тетово-Попова Шапка, шест децении стара, а повеќе од дваесет години оставена на забот на времето, сега претставува ризик за луѓето. Снимките покажуваат дека таа на повеќе места е оштетена и е навалена долж патот кој води кон скијачкиот центар Попова Шапка.

Алпинистот Надир Мурслу, вели дека постои голема веројатност сајлата да се скине, оти вакви челични сајли си имаат животен век од 10 до 15 години, а таа е пет пати постара.

Од скијачкиот центар Попова Шапка, велат, планираат сајлата целосно да ја отстранат. Но, сепак се работи за посложена процедура и чекаат насоки од стручни лица.

„Работиме на тоа да покренеме постапка за да ја отстраниме целосно сајлата. Баравме да се направи увид од техничката инспекција, за да имаме насоки како сето ова да се реализира. Ќе исконтактираме и со инженерите од Машинскиот факултет коишто ни прават испитувања и за другите жичарници, за конкретна насока што да преземеме, за да можеме да ја отстраниме безбедно, оти се работи за стара и огромна сајла“, изјави Адем Авзиу, управител на ЕЛЕМ Турс.

Жичарата Тетово-Попова Шапка, во воениот конфликт во 2001-ва година беше оштетена и оттогаш воопшто не беше пуштена во употреба. Истата, ниту се санира, ниту пак, иако имаше многу ветувања, започна некаква постапка за изградба на нова жичарница.

 

Зоран Димовски