Пензии

Анализата на „Фајненс тинк“ покажа дека системот не е во кондиција да издржи зголемување на пензиите

17.08.2023 14:49

Пензионери и денеска на протест. Остануваат на барањето за линеарно зголемување на пензиите. Но, анализата на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ покажува дека моменталната состојба на фондовите не дозволува зголемување надвор од предвиденото усогласување. Според Ковачевски, станува збор за дополнителен трошок од 220 милиони евра...

Пензиите ниски, цените високи – највозрасните граѓани се жалат дека не можат да го протуркаат месецот. Барањата за линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и растот на минимална пензија и натаму во фокусот на протестите.

Од економскиот институт „Фајнанс тинк“ сметаат дека системот не е во кондиција да издржи зголемување на пензиите. Ја повикаа и Владата да најде начин платите на функционерите да ги врати во првобитна состојба.

„Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени. Finance think ја повикува Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите“, пишува во анализата Институтот.

Премиерот Ковачевски објаснува дека пензијата е право од работен однос, па поради тоа – не може некој што 15 години плаќал стаж на минимални примања да се израмни со оној што придонесувал 30 години на многу поголем износ.

Ковачевски повтори дека Владата заедно со Сојузот на пензионерите ќе работи на изработка на Закон за минимална пензија кој нема да ја наруши стабилноста на Фондот, а ќе биде во корелација со Уставот и методологијата за пресметка на пензиите.

Анита Димитријевска – Велковска