САД ја обвини Кина за шпионажа
Соединетите Американски држави за првпат поведоа правен процес против кинески хакери коишто краделе деловни тајни од американски компании. Овбинетите се воени офицери од Кинеската Народна армија коишто краделе тајни за кинески компании што се конкуренција на американски компании...

Петмина кинески офицери од Кинеската Народна армија се обвинети за економска шпионажа и незаконско добивање на деловни тајни од шест американски компании. Тие соработувајќи со други лица во Соединетите Американски држави незаконски влегувале во компјутерските мрежи на компаниите за снабдување со електрична енергија, челичната индустрија и компании за соларна енергија во Западна Пенсилванија и други сојузни држави.
„Ова е случај на економска шпионажа од страна на кинески воени лица. Бројот на украдените деловни тајни и други чувствителни информации е значителен и бара итен одговор. Кинеските офицери имале незаконски пристап кон компјутерите на оштетените компании од кои украле информации што можат да ги користат конкурентните и државните компании во Кина. Украле и информации што можат да се користат против американски компании“, изјави Ерик Холдер-главен обвинител на САД.
Ова е првпат, американскиот главен обвинител да поведе процес против странски хакери коишто крадат деловни тајни од Америка, истакнувајќи дека ова е повик за будење за сериозноста на компјутерскиот криминал. По обвинетите кинески офицери е издадена потерница и доколку тие бидат лоцирани во некоја пријателска држава со САД , ќе бидат уапсени од американските полициски сили.
Компјутерскиот криминал и шпионажата се оценува како еден од најголемите закани по безбедноста на Соединетите Американски држави.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
