Седница за уставни измени- власта и опозицијата со непроменети ставови
Седницата е закажана за 11 часот. Власта и опозицијата остануваат на своите ставови. Според СДСМ, седницата ќе покаже кој е „за“, а кој „против“ членство на земјава во Европската унија. ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека нивните пратеници нема да гласаат за уставни измени...

Во Собранието денеска треба да почне 123-та пленарна седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата е закажана за 11 часот.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31-ви август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.
Власта и опозицијата остануваат на своите ставови. Според СДСМ, седницата ќе покаже кој е „за“, а кој „против“ членство на земјава во Европската унија. Пратениците имаат одговорност и пред државата и пред граѓаните, велат социјалдемократите.
ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека нивните пратеници нема да гласаат за уставни измени. Ковачевски ако имаше пратеници за уставни измени, истите ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Повторно ќе се види дека промена на Устав нема да има- велат од опозициската партија.
Премиерот Ковачевски, пак, вчера предупреди-се соочуваме со опасност ветото да дојде одвнатре. Смета дека изборите не се решение.
