Одбележан Денот на Армијата
Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски на свеченоста, што се одржа на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, порача дека македонските граѓани денес се посигурни поради безбедносниот штит на НАТО Алијансата, а најистурен дел од тој штит се припадниците на Армијата.

Највисоко признание за припадниците на Армијата не се ордените и медалите, туку довребата која во нив ја имаат македонските граѓани. Армијата е чувар на сè она што го држи македонското општество заедно, беше порачано денеска по повод 18-ти август, Денот на Армијата.
Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски на свеченоста, што се одржа на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, порача дека македонските граѓани денес се посигурни поради безбедносниот штит на НАТО Алијансата, а најистурен дел од тој штит се припадниците на Армијата.
Тој потсети дека од самиот почеток како држава придонесуваме кон заедничките напори за поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија. Пендаровски порача дека мора да продолжиме да вложуваме во нашата одбрана и безбедност. Целта е, посочи, да имаме Армија која ќе биде не само структурно подобрена, туку и модернизирана со современи борбени средства и опрема за одбрана на татковината.
Премиерот Димитар Ковачевски потенцираше дека вложувањето во одбраната е вложување во безбедноста на граѓаните и националната безбедност. Годинава, посочи премиерот, буџетот за одбрана е 1,85 проценти од БДП и е поголем од буџетот за минатата година за 24 проценти.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска посочи дека овој ден се одбележува во спомен и слава на првиот партизански баталјон Мирче Ацев, кој точно пред 80 години на овој ден се конституираше на падините на Славеј планина. Ова, како што рече, беше првиот симбол и најава на македонската државност која потоа беше потврдена со Првото заседание на АСНОМ.
Таа потенцираше дека во време на глобална криза застанавме рамо до рамо со сите нации кои имаа потреба. Им помогнавме на Туција, на Словенија, но и на Украина.
За време на денешната свеченост, Пендаровски одликуваше 13 припадници на Армијата со медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територија на државата, а со медал за храброст беа одликувани 60 армиски припадници кои учествуваа во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во Република Турција.
Исто така, претседателот ги соопшти Указите за унапедување во генералски чин, а од страна на министерката Петровска беа доделени чинови на унапредени старешини во чин полковник.
