Хрватска и БиХ

Состојбата со водостојот се стабилизира- свлечиштата се проблем

22.05.2014 10:13

Во Босна и Херцеговина состојбата со водостојот на реките е стабилна. Центарот за отстранување на мини, предупредува дека кај Брчко, водата ги придвижува минските полиња. Во Хрватска, владата прогласи катастрофа во Вуковарско- Сремската жупанија...

Реките постепено се повлекуваат и во Босна и Херцеговина. Сава е во стагнација откако проби Дрина кај Стара Рача, а Босна се врати во коритото и веќе не го поплавува Шамац. Во Хрватска, и натаму е тешко во Славонија иако водата опаѓа. Владата прогласи катастрофа на подрачјето на Вуковарско-сремската жупанија. Во Босна, Центарот за отстранување на мини предупреди дека на подрачјето на дистриктот Брчко водата ги помести минските полиња. Проблем претставуваат стотиците свлечишта што ја голтаат земјата и се на неа.

„Голем ризик е да се преноќи овде. Тие што немаат каде да одат, а им се оштетени куќите, мораа да останат овде. Правевме некои обиди, но инфраструктурата е уништена, нема ни телефон“, изјави жител на Сапна.

Евакуацијата продолжува, а на поплавените подрачја е прогласена опасност од епидемија. Босна нема капацитети за термичка обработка на животинските трупови, па ги закопува во посебно подготвени јами.

„Труповите што скапуваат во областите погодени од поплавите можат да доведат до натамошно загадување на површинската и подземната вода“, изјави Бакир Изетбеговиќ, претседател на претседателството на БиХ.

Луѓето во паника од зарази ги преплавија пунктовите за вакцинација. Босна и Херцеговина очекува помош од НАТО во справувањето со опасноста од епидемија, во меѓувреме, труповите се товарат на камиони. Во Хрватска, пак, во Посавина се евакуирани 11 илјади луѓе откако министерот за здравство прогласи опасност од зарази.

 

Ивана Салтировска