Куманово: Несовесни граѓани постојано создаваат диви депонии

18.08.2023 11:30

Нема решение за проблемот со дивите депонии. Кумановското комунално претпријатие повторно со акции. Уредени се над 30 локации. Но и по чистењето состојбата е иста. Несовесни граѓаните, вообичаено оние кои вршат превоз со мотокултиватори, изнесуваат различен отпад и шут...

Кумановското комунално претпријатие повторно со акции за чистење на дивите депонии. Екипите на „Чистота и Зеленило“ интервенираа на депонијата на улицата „Доне Божинов“. Од претпријатието информираат дека периодов исчистени се над 30 мини депонии во градот и населбите.

Безбројните апели, засега, не даваат резултати. На локациите повторно се создаваат депонии.

Најголем проблем е депонијата пред влезот на населбата Перо Чичо. Во близина на оваа депонија се наоѓа и железничката пруга. На оваа локација се поставени и дополнителни садови за смет. Но истите по којзнае кој пат беа мета на вандалско однесување.

Според надлежните од „Чистота и зеленило“, депониите ги создаваат лицата кои вршат превоз со мотокултиватори.

Граѓаните кои вршат превоз со мотокултиватори имаат можност да го исфрлаат отпадот на депонијата „Краста“ по повластена цена, прифатлива за депонирањето на отпадот. Но веројатно поради трошоците за да стигнат до депонијата која е вонградско подрачје, тие се одлучуваат непрописно да го фрлаат отпадот- велат од ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.

Повластената цена е 0,5 денари по килограм или 500 денари за тон, колку што собираат мотокултиваторите.

 

Елена Георгиевска