Одбрана

Одбележан Денот на Армијата: Членството во НАТО е бенефит, но и обврска

18.08.2023 12:22

Веќе четврта година по ред, Армијата својот роденден го одбележува како оружена сила на земја-членка на НАТО, гарант на безбедноста и интегритетот на државата. Признанија за ангажманот на нејзините припадници…

Нашата армија докажа и покажа дека е достоинствен партнер во меѓународните мисии. Членството во Алијансата е бенефит, но и обврска за почитување на демократските вредности и лојалноста. Освен нејзините главни задолженија, армијата секогаш им даваше поддршка и на надлежните институции при справувањето со елементарните непогоди и катастрофи, пожари и поплави, па сè до најкритичните периоди на пандемијата на Ковид-19. Довербата не се купува со пари, ниту се постигнува со сила, туку се стекнува со посветена работа, рече Пендаровски. Криминалот и корупцијата се најголема закана за општеството и граѓаните. Потребни се реформи, порача шефот на државата.

Од одбраната потенцираат дека Македонија денеска има современ безбедносен систем, оспособен да одговори на сложени безбедносни ризици. Значајно искуство се стекнуваше и со активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, од ЕУ, од Обединетите нации и од нашите стратегиски партнери. Приоритет и подобрување на стандардот на армиските припадници. 33 насто од буџетот се издвојува за опремување и модернизација. Вложувањето во одбраната е влог во безбедноста на граѓаните и на државата, порача премиерот Ковачевски. По членството во НАТО, приоритет е и членството во ЕУ. Мора да се носат храбри одлуки.

Претседателот Пендаровски, со медал за учество во хуманитарни и мировни операции ги одликува првите 13 припадници од армијата кои учествуваа во мисијата ИСАФ во Авганистан, додека со медал за храброст беа одликувани 60 припадници на баталјонот за специјални операции, кои учествуваа во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во Турција. Во моментов 100 старешини и војници помагаат во санирањето на последиците од поплавите во Словенија. Министерката Петровска пак, им ги додели и чиновите на унапредените старешини во чин полковник.

Идната година според планираното, за одбраната ќе се издвојат два насто од БДП. На последниот самит на НАТО беше одлучено минимумот за издвојување за одбраната да биде два проценти, но горниот праг не беше прецизиран.

Милчо Велески