Повторно соборен дрон над Москва
Дрон удри во зграда во близина до центарот на Москва. Предизвикал силна експлозија откако бил соборен. Обединетите нации загрижени за „извештаите поврзани со трансферот и употребата на касетна муниција“ во Украина...

Остатоци од украинско беспилотно летало удриле во зграда во центарот на Москва. Руската противвоздушна одбрана го соборила дронот. Немало настрадани во нападот кој на кратко го прекинал воздушниот сообраќај на цивилните аеродроми во руската престолнина.
По уништувањето, дронот паднал врз нестанбена зграда.
„Ова е експоцентарот. Експлозијата се случи таму, од страната ѕидот кој е оштетен. Имаше седум противпожарни возила. Сега има само полиција“, вели очевидец.
Во последниве месеци од војната во Украина, нападите со дронови врз руска територија и врз главниот град Москва се интензивираат.
Командантот на здружените сили на вооружените сили на Украина ги посети војниците во пограничната област со Белорусија.
„Работевме на командни пунктови на бригади, командни центри, набљудувачки точки, баталјони и позиции на чети. Ќе обезбедиме сè што е потребно за момците да ги подобрат различните аспекти. Нашите војници се високо мотивирани и поседуваат значително борбено искуство“, изјави Серхи Најев, командант на здружените сили на вооружените сили на Украина.
ОН изразија загриженост за „извештаите поврзани со трансферот и употребата на касетна муниција“ во Украина.
„Извештаите поврзани со трансферот и употребата на касетна муниција се многу загрижувачки. Портпаролот на генералниот секретар, повика ваквите видови муниција да бидат предадени и да не се користат. Приливот на оружје и муниција во кој било вооружен конфликт може да придонесе за ескалација и претставува значителен ризик од пренасочување и ширење, дури и по завршувањето на конфликтот“, изјави Изуми Накамицу, заменик генерален секретар на ОН.
Цивилен товарен брод кој плови од Украина, пак, го преминува Босфорот, пркосејќи на московската блокада, која ги зголеми тензиите откако Русија отвори оган врз брод во турска сопственост.
Марина Ристова
