Собрание

Почна расправата за уставните измени

18.08.2023 14:48

Со 70 гласови „за“ и 47 „против“ усвоен дневниот ред за отворање на највисокиот државен акт. Измените не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање, предлогот е наш македонски, не е под странски диктат, поддржан е од ЕУ и САД, порача премиерот Ковачевски. Опозицијата го повтори ставот-нема да гласаме, да одиме на избори…

Никој не може да го загрози македонскиот народ, ниту има диктат од кого било. Ова е македонски предлог, поддржан од ЕУ за наше добро, порача премиерот Ковачевски од собраниската говорница.

Образложувајќи ја иницијативата за уставни измени, Ковачевски е дециден дека промената на Уставот има само една цел, влез на земјата во Европската унија, отфрлајќи ги како што рече, лажните тези дека постои диктат од кого било, за што било. Им порача на пратениците дека нови барања нема, билатералните прашања не се пречка во натамошното исполнување на условите за влез во ЕУ и ново вето нема да има.

Од ВМРО-ДПМНЕ со веќе одамна познатиот став. Нема уставни измени под бугарски диктат. Според Силјановска-Давкова, отворањето на Уставот се коси со европските вредности. Од владејачкото мнозинство, пак, порака за обединување за да не се испушти шансата за влез во европското семејство.

И пратениците од другите партии од албанскиот блок со различни ставови, дали се потребни или не уставни измени.

За утврдување на дневниот ред, „за“ гласаа 70 пратеници, а „против“ беа 47.

Миле Ристески