Уставни измени

Уставот досега има претрпено осум измени со 36 амандмани

18.08.2023 15:04

Првите се случија на 6 јануари 1992 година и со нив се утврди дека државата нема територијални претензии кон соседите ниту ќе се меша во нивните внатрешни работи. Последен пат Уставот се отвори на 11 јануари 2019 година кога се изгласаа четирите амандмани и се смени државното име како преземена обврска од Преспанскиот договор. За да се ефектуираат, уставните измени минуваат низ три фази...

Највисокиот правен акт досега има претрпено осум измени со 36 амандмани. Првите се случија на 6 јануари 1992 година и со нив се утврди дека државата нема територијални претензии кон соседите ниту ќе се меша во нивните внатрешни работи. Последен пат Уставот се отвори на 11 јануари 2019 година кога се изгласаа четирите амандмани и се смени државното име како преземена обврска од Преспанскиот договор.

Во меѓувреме, во Уставот се интервенираше и за да се регулираат реформите во судството и изборниот систем, а се усвои и одредба според која не може да се одземе државјанството.

За да се ефектуираат, уставните измени минуваат низ три фази. Во првата и во третата потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.

„Откако ќе се донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот, иницијативата се враќа до Владата која треба да го подготви текстот на нацрт – амандманот и да го достави до Претседателот на Собранието кој, пак го проследува до пратениците и до шефот на државата. Со мнозинство гласови Собранието го утврдува нацрт амандманот, по што следува јавна расправа. Потоа Владата поднесува предлог – амандман кој треба да бидат прифатен од Комисијата за устави прашања. Конечна одлука за промена на Уставот носи Собранието со најмалку 80 гласа“.

Последната иницијатива на Владата за промена на Уставот, подразбира впишување на бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ во Преамбулата, како услов за отворање на преговорите со ЕУ.

 

Анита Димитријевска – Велковска