Влада

Ковачевски: Интеграција, а не изолација

18.08.2023 19:13

Во владата прес-конференција одржа премиерот Димитар Ковачевски. Вели работиме да обезбедиме мнозинство за продолжување на европскиот пат на државата. Нема да дозволиме граѓаните, нивната иднина и државата да бидат блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, порача тој. Од опозициската партија со реакција – Ковачевски требаше да се извини што лажеше цела година дека има мнозинство...

Стана јасно кој навистина сака Македонија да стане просперитетна држава, а кој сака да ја блокира на европскиот пат. Се потврди дека Владата и проевропскиот фронт се единствени кои и мислат добро. Ваков беше ставот на премиерот Ковачевски два часа откако заврши дебатата за потребата од носење на уставните измени. Поради партиски интереси ВМРО-ДПМНЕ ја кочи европската иднина, обвини Ковачевски кој посочи дека нема намера да подлегне на блокадите од опозицијата. Најави дека продолжува комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени се до обезбедување на потребното мнозинство.

Во СДСМ и коалицијата владее единство за уставните измени рече Ковачевски, иако на денешното гласање не се појави пратеникот Диме Велковски, а коалицискиот партнер, претседателот на Партијата на пензионерите Илија Николовски кој беше присутен во салата не го даде својот глас за промените во Преамбулата, но како што рече Ковачевски ова било поради технички причини.

Според ВМРО-ДПМНЕ Ковачевски е нелегитимен премиер и бараат негово извинување затоа што цела година лажел дека има мнозинство и дека опозицијата прифатила уставни измени. Во трката за 80 пратеници ја изгубија кохезијата и поддршката од пратениците од власта зошто на сите и во СДС им е јасно дека предлогот е штетен и дека бугарскиот диктат не треба да се исполни. Решението е едно: оставка и избори, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.

 

Викторија Милевска