Тетово

Зголемени кражби во тетовско

19.08.2023 09:24

Од алат до добиток, во полошко се краде на големо. Крадците ги „демнат“ претежно куќите низ селата каде нема постојани жители, а во градовите чекаат граѓаните да заминат на одмор. Од полицијата велат дека се повеќе нивни екипи ги расчистуваат кражбите и разбојништвата...

За само еден месец во тетовското село Слатино биле ограбени 4 домови. Крадците не прибирале, одзеле буквално сè што им дошло при рака.

Мештаните велат дека оваа појава е сè почеста, бараат повеќе полициски патроли, но и зголемена откривачка дејност.

Трпче Атанасовски од Слатино, вели дека во периодот од 10 до 15 август крадци влегле кај него дома му ја испразниле куќата, но и дворот. Од Секторот за внатрешни работи Тетово, велат дека нивни екипи се почесто ги расчистуваат кражбите.

Полицијата ќе продолжи со превентивните активности, пред сè како граѓаните да се заштитат од кражби и разбојништва.

Во полошко се краде најчесто алат, но и моторни возила. Во селата разбојниците го земаат дури и плодот собран од нивите, а неретко крадат живина, но и ситен добиток.

 

Зоран Димовски