Нови напади меѓу Русија и Украина
Русија објави дека е соборен дрон над Крим. Двете завојувани страни презентираат успеси на фронтот – Киев напредува во југоисточна насока кон Азовско Море, додека Москва тврди дека уништила четири американски оклопни возила „Страјкер“ во Доњецк...

Русија објави дека е соборен дрон над Крим. Украина пак урнала 15 летала „Шахед“. Нема информации за жртви. Двете завојувани страни презентираат успеси на фронтот – Киев напредува во југоисточна насока кон Азовско Море, додека Москва тврди дека уништила четири американски оклопни возила „Страјкер“ во Доњецк. Бројот на држави кои ја поддржуваат декларацијата на Г7 за безбедносни гаранции за Украина се искачи на 18, а 36 земји сега ја поддржуваат Формулата за мир за ставање крај на војната според условите на Киев, истакна претседателот Зеленски.
„Веќе имавме важни дипломатски успеси оваа недела. Од клучно значење е Формулата за мир постепено да го обединува светското мнозинство врз основа на нашето почитување на меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации. Се трудиме да ја направиме Украина подготвена за отворање на преговорите за членство во ЕУ оваа година“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Во меѓувреме, протекоа тајни документи дека Русија гради илјадници ирански беспилотни летала во воена база на Алабуга во Татарстан, оддалечен на 800 километри источно од Москва. Се работи на производство на околу 6.000 напредни дронови. Претходно САД одобрија испраќање борбени авиони Ф-16 во Украина од Данска и Холандија веднаш штом ќе заврши обуката за пилотите.
