Украина

Украинската противвоздушна одбрана соборила 15 беспилотни летала

19.08.2023 14:19

Украинската противвоздушна одбрана соборила 15 беспилотни летала од иранско производство во текот на ноќта, соопшти војската. Руското Министерство за одбрана тврди дека пресретнале украинска ракета над Крим. Претходно беше прогласена воздушна тревога за напади на целата територија на Украина. Жртви и повредени во Чернихив, оштетени главниот плоштад, Универзитетот и Театарот...

Украинската противвоздушна одбрана соборила 15 беспилотни летала од иранско производство во текот на ноќта, соопшти војската. Руското Министерство за одбрана тврди дека пресретнале украинска ракета над Крим. Претходно беше прогласена воздушна тревога за напади на целата територија на Украина. Жртви и повредени во Чернихив, оштетени главниот плоштад, Универзитетот и Театарот. И двете страни тврдат дека напредуваат на бојното поле. Граѓаните од различни делови од земјата сведочат за ужасот на војната. Во регионот Керсон, почна обновувањето на домовите. Досега се реставрирани 45 куќи, а во фаза на изградба се уште 35.

„Тие пукаа, бомбите беа фрлени, а ние бевме во куќата со бабaта, немавме каде да бегаме“, изјави Михаило Колибабчук- жител на Новопетривка.

„На крајот на октомври пристигнавме овде, не можевме да ја видиме куќата, немаше прозорци. Немаше врати, се беше скршено, се беше отворено. Дворот беше непрепознатлив“, рече Валентина Давиденко- жителка на Новопетривка.

Бројот на држави кои ја поддржуваат декларацијата на Г-7 за безбедносни гаранции за Украина се искачи на 18, а 36 земји сега ја поддржуваат Формулата за мир за ставање крај на војната според условите на Киев, истакна претседателот Зеленски.

„Веќе имавме важни дипломатски успеси оваа недела. Од клучно значење е Формулата за мир постепено да го обединува светското мнозинство врз основа на нашето почитување на меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации. Се трудиме да ја направиме Украина подготвена за отворање на преговорите за членство во ЕУ оваа година“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Вашингтон му одобри на Киев борбени авиони Ф-16 од Данска и Холандија веднаш штом ќе заврши обуката за пилотите. Украинската војска тврди дека Русија има јасна предност пред нив на небото, но воведувањето на модерни борбени авиони од Запад може драматично да ја промени состојбата.

„Летаме на мала височина и се приближуваме многу брзо. Буквално за половина час можеме да пристапиме кон секоја цел. Ако имамо авиони Ф-16, тогаш би можеле слободно да летаме и над руските трупи, а тие би се одалечиле од нас“, додаде пилот-асистент на Армиска воздухопловна бригада.

Во меѓувреме, протекоа тајни документи дека Русија произведува 6.000 ирански беспилотни летала, во воена база на Алабуга во Татарстан, оддалечен на 800 километри источно од Москва.

 

Зоран Богатинов