Мицкоски: Недвосмислено сме за влез на Македонија во ЕУ, но не по цена на одрекување од себеси
Недвосмислено сме за Европската унија, но со заштита на македонскиот идентитет. Не, не вклучија во преговорите, одговори лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски по вчерашниот настап на премиерот Ковачевски...

Лажно е тврдењето на власта дека со прифаќањето на уставните измени под бугарски диктат ќе зависело дали сме за ЕУ или сме против, или сме биле за западот или ќе сме биле за истокот – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Ова не е таков избор, да не се наседнува на манипулацијата. ВМРО - ДПМНЕ е недвосмислено за влез на Македонија во Унијата, затоа што тоа е нашиот единствен пат, но, не по цена на себеодрекување, рече Мицкоски. Посочи дека ќе понудат решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија.
Според Мицкоски, министерот Османи ја бранел позицијата на Албанија, додека Ковачевски и Пендаровски мислеле на сопствените фотелји. Клучната грешка на власта во процесот на уставни измени, е тоа што целосно ја исклучило опозицијата. Нуделе предлози, но власта ги отфрлила со приказна дека ќе обезбедиле и без нив мнозинство, рече Мицкоски.
За Мицкоски, Бугарија најмалку што може да направи е да ги спроведат три од 14-те пресуди од Стразбур, кои треба да стапат во сила во септември годинава. Мицкоски уште еднаш укажа на лошата економска состојба, на нивото на корупцијата и криминалот во земјава.
Наташа Гркова Петрушевска
