Дел од опозицијата ќе се вразуми и ќе гласа за уставните измени, сметаат аналитичарите
За аналитичарите, македонската политичка состојба е пред амбис. За едни, Софија никогаш нема да дозволи Македонија да стане членка на Унијата, за вторите неусвојувањето ќе произведе радикални движења во општеството.

Државата оди кон амбис! За едни ова е сценарио доколку не се изгласаат уставните измени, за други доколку се изгласаат. И експертите поделени во крајност по прашањето за менување на Уставот. Амбасадорот Ристо Никовски смета дека досегашниот исход од собраниската седница и оди во прилог на државата, оти, според него, надвор од умот е да внесувате во Устав некој кој не признава дека постоите, во таков случај, вели Никовски, дозволувате државата да се распаѓа одвнатре. Евроинтегративниот пат е вистинскиот и за него, но смета дека преговарачката рамка треба да се игнорира, да се раскине договорот за добрососедство со Бугарија и двата протоколи и да се спроведат избори.
И аналитичарот Сефер Селими смета дека ова е момент за – да се биде или не, но оптимист е дека до крајот на сите рокови, барем дел од опозицијата ќе премине преку ситните политички и лични интереси и ќе ги направи уставните измени. И Селими, како и Никовски, смета дека државата е исправена пред безбедносна криза, со разлика во тоа што според Селими, таа би се случила доколку Македонија заостане на евроинтегративниот пат и Албанците сами побараат излез.
За Селими, промената на Уставот е последната техничка пречка за почетокот на врската со ЕУ, за Никовски, уставните измени би значеле крај на државата и затоа се неопходни избори!
Катерина Топалова
