Атракција: Туристичко разгледување на Скопје со електромобил
Возилата ќе имаат обучен возач, кој во исто време ќе биде и туристички водич, а ќе сообраќаат секојдневно од 10 до 19 час...

Електромобилот ќе биде новата атракција, превозно средство за туристичко разгледување на Скопје. Ценовникот вчера беше усвоен од Советот на Скопје, а едно возење ќе чини 50 денари. Станува збор за пет електромобили кои наскоро ќе бидат промовирани од ЈП Градски паркинг.
Истите веќе се пристигнати. Возилата ќе имаат обучен возач, кој во исто време ќе биде и туристички водич, а ќе сообраќаат секојдневно од 10 до 19 час.
На туристичкото разгледување, почетна и крајна станица ќе биде портата „Македонија“. Возилото ќе се движи по улица Македонија до Стара железничка станица преку Камени мост и преку мостото „Око“ ќе се враќа пред портата Македонија.
Договорот за нивна набавка „Градски паркинг“ го склучи со фирмата „Хипнел“, а едно возило чини 11.420 евра. Апаратот за полнење на акумулаторите со струја е во рамките на катната гаража „Свети Kирил и Методиј“.
