Полицијата ова лето со полни раце работа во Охрид и Струга
Полицијата во двата туристички центри Охрид и Струга, ова лето со полни раце работа. Полициските билтени преполни со тепачки, кражби, пукање и пронајдена дрога. Најчести нарушители се малолетни лица и млади од земјава и странство, кои летуваат на брегот на Охридското Езеро...

Во текот на туристичката сезона, полицијата со полни раце работа во Охрид и Струга. Најчести нарушувања се тепачки помеѓу млади лица од земјава и странство, кои летуваат на брегот на Охридското Езеро. Ножеви, боксирачи, метални пендреци, но и разни видови дрога беше пронајдена во ноќните клубови и на бројните концерти.
Од почетокот на јуни до средината на август регистрирани се деведесеттина нарушувања на јавниот ред и мир.
„Нарушувањата на јавниот ред и мир најчесто се случуваат во и околу ноќните клубови но и на бројните концерти во градот. Оттука зголемен беше и обемот на работа на полициските службеници а бројните конторли резултираа со приведување и лишување од слобода на учесниците во нарушувањата на јавниот ред и мир и поднесување на соодветни пријави против нив“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Честа појава ова лето е и пукање со огнено оружје за време на свадби и прослави. Во Охрид на свадба беа повредени две лица, татко и неговиот малолетен син, од лице кое пукаше со пушка.
„Целта е да се елиминира оваа појава бидејки оваа појава не може да придонесе за зголемување на веселбата. Апелираме во оваа прилика до сите граѓани кои што прават прослави да го елиминираат оружјето како составен дел на прославата и да слават со срце и се разбира веселбата да помине без никакви проблеми“, апелира Димовски.
Ова лето е зголемен и бројот на кражби. Најчесто крадците оперираа на плажите и автомобилите на паркинзите.
Соња Рилковска
