Освен „Хилари“ Калифорнија погодена и од земјотрес
Тропската бура „Хилари“, проследена со поројни дождови и поплави удри во југозападниот дел на САД. Бурата помина низ Јужна Калифорнија со брзина на ветрот од 95 километри на час. Метеоролозите со предупредување – „Хилари“ со себе носи поројни дождови од историски размери.

Тропската бура „Хилари“ ја погоди Калифорнија. Кратко пред тоа сојузната држава регистрираше земјотрес од 5,1 степени, но без поголеми штети. Жителите се евакуираа, затворени се парковите и плажите поради поплави, силни ветрови и изобилни дождови. Десетици автомобили се заробени во водата насобрана на коловозите.
„Кога ќе дојде центарот на бурата не сакам да бидам надвор“, изјави Патрик Дојл.
„Јас сум среќна. Не е снег. Ние сме распаднати од собирање снег“, изјави Дороти Клајн.
Синоптичарите велат дека „Хилари“ е првата тропска бура што ја погоди Јужна Калифорнија во последните 84 години, носејќи поплави, лизгање на земјиште, силен ветер, прекини на струја и потенцијал за торнада.
„Дождовите ќе бидат најголемата опасност. Може да видите дека врнежите се зголемуваат низ сливот на Лос Анџелес во пустините на југоисточна Калифорнија. Имаме умерен ризик од поројни поплави над места како Лас Вегас, Лос Анџелес, Сан Диего, до централна Невада“, изјави Мајкл Бренан, директор во Националниот центар за урагани.
Од компаниите за гас и електрична енергија побараа граѓаните да имаат разбирање доколку дојде до прекини во снабдувањето.
„Мислам дека двата временски елементи за кои најмногу сме загрижени со овој настан секако се дождот и ветрот. Ветерот многу често предизвикува дрвја и други предмети и отпад да паѓаат во нашите далноводи. Дополнително, овие изобилни дождови ќе предизвикаат поплави и имаат потенцијал за влијание врз нашата способност да одговориме на прекините“, изјави Керолин Вин, главен извршен директор за Сан Диего Гас и Електрик
Пустинските области се особено подложни на поплави, заедно со ридовите каде што веќе се направени кратери пои големите шумски пожари. „Хилари“ би можела да зафати и други западни држави со дождови, а големи се шансите да биде највлажниот познат тропски циклон што ќе ги погоди Невада, Орегон и Ајдахо. „Хилари“ во Мексико однесе и човечки жртви.
Маријана Димовска
