ССМ со предлог за намалување на платите на функционерите
ССМ побара да се извршат итни измени во Законот за плати, за примањата на функционерите кои пораснаа за 78 насто да се вратат на старо. ССМ предупреди дека оваа категорија вработени незаслужено има повисоки плати за кои не испорачала резултати, ниту пак имала зголемен ангажман...

Сојузот на синдикатите на Македонија им пиша на пратениците. Побара да се извршат итни измени во Законот за плати, за примањата на функционерите кои пораснаа за 78 насто да се вратат на старо. ССМ предупреди дека оваа категорија вработени незаслужено има повисоки плати за кои не испорачала резултати, ниту пак имала зголемен ангажман.
„Функционерите наместо да мислат на ранливите категории на граѓани, работниците и пензионерите, размислуваат единствено за себе и за своите потреби, и си овозможија без реални и оправдани причини за својот ангажман и работење, енормно зголемени плати за 78% наеднаш, а што не е познато ниту во нашето опкружување ниту пак, во друга држава во светот“, се наведува во иницијативата.
Во писмото испратено до Собранието, ССМ предлага за порастот на платите на јавната администрација и на функционерите да важат истите правила - согласно Општиот колективен договор. Ако платите пораснат за 10 проценти од септември, а од март 2025 година стапи во сила принципот - просечна бруто плата помножена со коефициент на сложеност на работни задачи – истото да важи и за избраните и именувани функционери.
Анита Димитријевска – Велковска
