Евроинтеграции

Средбата во Атина, нов поттик за евроинтегративниот процес

21.08.2023 13:29

Премиерот Ковачевски со лидерите на државите од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ, на неформална средба во Атина, во организација на грчкиот премиер Мицотакис. Предвидено е македонскиот премиер да се сретне со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен…

20-годишнината од Солунската декларација ги собира лидерите од Западен Балкан на неформална вечера во Атина, со грчкиот премиер Мицотакис и предводниците на Европската унија, Фон дер Лајен и Шарл Мишел.

Оваа декларација ги отвори перспективите за членство во ЕУ, но не ги оствари очекувањата на кандидатките за прием во блокот за 10 до 15 години. Според амбасадорот Ружин, ова претставува нов поттик за целиот процес.

„Денешната средба во Атина на лидерите на Западен Балкан, каде како домаќин се јавува грчкиот премиер Мицотакис, а таму ќе биде и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен е еден вид одбележување на Солунската агенда“, вели Ружин.

Премиерот Ковачевски, придржуван од вицепремиерот Маричиќ со Фон дер Лајен ќе разговара за последните случувања со уставните промени, кои се услов за продолжување на преговорите. Согласно усвоената преговарачка рамка, Македонија мора да спроведе уставни промени до крајот на скрининг процесот во ноември годинава.

„За овие 20 години практично можеме да бидеме незадоволни, бидејќи сите овие држави очекуваа членство, или полу-членство за 10 до 15 години. Меѓутоа, еве изминаа 20 години, а тоа е голем неуспех за Европската унија и за државите од Западен Балкан“, смета поранешниот амбасадор Нано Ружин.

Освен Ковачевски, на состанокот во Атина се поканети српскиот претседател Вучиќ, црногорскиот Милатовиќ, премиерката на БиХ Кришто и косовскиот Курти, како и шефовите на владите на Хрватска, Романија и Бугарија, Пленковиќ, Чолаку и Денков.

Ирина Гелевска