Изложба на дигитални графики на Билјана Билбилоска и Жоао Серано во домот на култура „Кочо Рацин“
Од галеријата „КО-РА“ истакнуваат дека ова е проект што всушност претставува иницијатива на двајца сродни уметници кои подолго време ги истражуваат новите можности на современиот пристап кон графиката. Служејќи се со новите технологии, графиката за нив добива ново значење.

Вечерва во 19 часот во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје ќе биде отворена изложба на дигитални графики на тема „Помеѓу конкретноста и виртуелноста“ од авторите Билјана Билбилоска и Жоао Серано. Жоао Серано е автор од Португалија.
Од галеријата „КО-РА“ истакнуваат дека ова е проект што всушност претставува иницијатива на двајца сродни уметници кои подолго време ги истражуваат новите можности на современиот пристап кон графиката. Служејќи се со новите технологии, графиката за нив добива ново значење. Забрзаните решенија на дигиталниот свет овозможуваат уметниците творејќи под различни поднебја, да се вмрежат соединувајќи ги во еден ликовен израз и премостувајќи ги различностите да овозможат единствен ликовен опус и единствена стилска кохерентна концепција во визуелна смисла.
Жоао Серано досега самостојно изложувал во Португалија, Холандија, Норвешка и Германија, а бил дел од групни изложби во Европа, САД и Австралија.
Билјана Билбилоска активно се занимава со графички дизајн, илустрација и дигитална графика, истражува нови технологии и соработка со афирмирани уметници од странство. Има над 50 групни изложни, осум самостојни и учествувала на неколку ликовни колонии.
