Измена на Законот за плати

Расте револтот на граѓаните, ССМ бара намалување на платите на функционерите

21.08.2023 14:15

Сојузот на синдикати на Македонија со иницијатива до Парламентот за намалување на платите на функционерите за 78 насто. Расте револтот на работниците, граѓаните, пензионери по одлуката на Уставен, потребни се итни измени на Законот за плати и другите надоместоци на пратениците и функционерите, велат во ССМ…

Сојузот на синдикатите им пиша на пратениците. Побара да се извршат итни законски измени, за платите на функционерите кои пораснаа за 78 насто да се вратат на старо. ССМ предупреди дека оваа категорија вработени незаслужено има повисоки примања за кои не испорачала резултати, ниту пак имала зголемен ангажман.

„Сега бараме да се врати нивната пресметка на плата, како што е за сите граѓани во државата, за работниците и за пензионерите, да биде и за нив. Кога ќе дочекаме и ние евентуално зголемување на платата и нова пресметка, секако и тие да си добијат покачување на плати“, изјави Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.

Од пратеничката група на СДСМ велат дека сè уште не ја разгледале иницијативата, но дека неговата политичка партија се залага за континуиран раст на платите и пензиите.

„Ќе настапуваме со нашите политики и мерки во делот на зголемување на платите. Според колективниот договор во септември ќе има зголемување на платите од 10%. Нема да застанеме тука, додека е СДСМ на власт платите и пензиите ќе растат“, рече пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, се на став дека политиките на власта ги довеле граѓаните на раб на сиромаштија.

„Политиките на власта ги доведоа граѓаните на раб на сиромаштија. ВМРО-ДПМНЕ ја разбира фрустрацијата на граѓаните, а доколку владата на СДС и ДУИ помалку краде, ќе може да им даде повеќе на граѓаните. Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го отвори прашањето за ревизија на платите на функционерите“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Во писмото испратено до Собранието, ССМ предлага за порастот на платите на јавната администрација и на функционерите да важат истите правила – согласно Општиот колективен договор. Ако платите пораснат за 10 проценти од септември, а од март 2025 година стапи во сила принципот просечна бруто-плата помножена со коефициент на сложеност на работни задачи – истото да важи и за избраните и именувани функционери.

Анита Димитријевска – Велковска