Украина

Киев ќе добие Ф-16 од Данска и од Холандија

21.08.2023 14:32

Украина ќе добие 42 авиона Ф-16 од Холандија и 19 од Данска кои ќе може да ги користи само на своја територија. Русија ја осуди одлуката на Данска и Холандија за борбените авиони и рече дека овој потег ќе го ескалира конфликтот...

42 авиона Ф-16 од Холандија и 19 од Данска ќе бидат испорачани во Украина, потврдија и двете земји. Зеленски ја нарече одлуката историска.

„Повеќе од 70 луѓе од Украина сега се на терен овде и се подготвуваат за обука. Целта на оваа донација е да ја одбраниме Украина. Обуката наскоро ќе почне и се надевам околу нова година, првата група авиони ќе ја напуштат Данска, и ќе заминат во Украина“, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.

„Ова ќе биде огромен притисок за другите земји кои се сомневаа дали да ни обезбедат или не борбени авиони. Ви благодарам многу што сте голема земја што не поддржуваше од првите денови на војната, тоа никогаш нема да го забораваме. Благодарам на сите што ни помогнавте во оваа тешка борба за слобода“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украина ќе може да ги користи донираните авиони само на своја територија. Зеленски рече дека авионите ќе ја зајакнат воздушната одбрана на Украина и ќе помогнат во нејзината контраофанзива против руските сили.

Русија ја осуди одлуката на Данска и Холандија за борбените авиони и рече дека овој потег ќе го ескалира конфликтот.

Во меѓувреме, руските власти соопштија дека спречиле напад на украинско беспилотно летало во регионот на Москва.

Киев пак објави видео на кое се гледаат пешаци како цел на украинска артилерија во близина на градот Бахмут. Според медиумите, двајца руски војници биле „елиминирани“ во нападот.

 

Марина Ристова