Сопственикот на „Вагнер“ Пригожин првпат во јавноста по бунтот против руската одбрана
Според светските медиуми, видеото е снимено во Африка...

Сопственикот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин го објави своето прво видео откако организираше краткотраен бунт против претставниците на одбраната во Русија. Според светските медиуми, видеото е снимено во Африка.
„Работиме. Температурата е 50 степени Целзиусови над нулата. Вагнер спроведува активности за извидување и пребарување, правејќи ја Русија уште поголема на сите континенти и ја прави Африка уште послободна. Правда и среќа за африканските луѓе. Ние го правиме животот кошмар за Ал Каеда, ИСИС и другите бандити“, изјави Евгениј Пригожин, сопственик на воената компанија „Вагнер“.
Платеничката група спроведува и воени вежби во Белорусија на границата со Полска. Варшава веќе ја засили безбедноста на границата со дополнителна војска и опрема. Литванија пак, затвори два гранични премина со Белорусија поради геополитичките случувања. Претходно, амбасадата на САД во Минск ги повика американските државјани да ја напуштат Белорусија.
