Москва соборила четири украински беспилотни летала
Воздушниот простор над рускиот главен град беше привремено затворен...

Руската противвоздушна одбрана соборила четири украински беспилотни летала во близина на Москва и над областа Брјанск, која граничи со Украина. Воздушниот простор над рускиот главен град беше привремено затворен. Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски по посетата на четвртиот европски град, од Грчкиот премиер Мицотакис доби ветување за воена поддршка за Киев онолку долго колку што е потребно.
„Грција се приклучи на декларацијата на Г7 за безбедносни гаранции за Украина. Оваа година се подготвуваме да иницираме преговори за членство на Украина во ЕУ, а Украина ќе биде подготвена за тоа. Благодарни сме на Грција за поддршката на нашата европска интеграција“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Ве уверувам дека ќе продолжиме да го правиме истото ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно за да се постигне оваа света цел. Ќе застанеме покрај вашата влада и вашиот херојски народ, кој ги трпи последиците од нелегалната инвазија“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.
Грција ќе обучува дел од пилотите кои ќе управуваат со воените авиони Ф-16 што се обезбедени од Данска и Холандија. Зеленски присуствуваше на неформален состанок со балканските лидери и највисоките претставници на Европската унија.
