Јавни набавки

Пад на вредноста на јавните набавки на општините за една третина во 2022 година, во Скопје дури за 68%

22.08.2023 11:02

Центарот за граѓански комуникации ја објави Базата на податоци на тендерите на општините во 2022 година...

80-те општини и Градот Скопје во 2022 година вкупно склучиле 3.508 договори за јавни набавки во вредност од 7,3  милијарди денари, односно 118 милиони евра. Вредноста на јавните набавки на општините и Градот Скопје во 2022 година е намалена за една третина, односно за 65 милиони евра во однос на 2021 година. Центарот за граѓански комуникации ја објави Базата на податоци на тендерите на општините во 2022 година.

Кон овој пад, како што соопштуваат од Центарот за граѓански комуникации, најмногу придонесува големото намалување на вредноста на јавните набавки на Град Скопје, чии набавки во 2022 година се намалени за дури 68 %, односно за 31 милион евра во однос на 2021 година.

Намалувањето на вредноста на јавните набавки значи дека помал дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните.

Единиците на локална самоуправа склучиле договори со 1.184 фирми, но четвртина од вкупната вредност на тендерите им припаднала само на 8 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е снабдувачот со електрична енергија ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје, со вредност на договорите од 614 милиони денари, односно околу 10 милиони евра.