Лирија не најде сала и службено го губи полуфиналниот реванш со шампионот
Со 2-0 ја доби полуфиналната серија, откако службено го доби реваншот со Лирија, којашто не обезбеди сала за натпреварот којшто требаше да се одигра вечер...

Натпреварувачката комисија донесе одлука на „зелена маса“ откако Лирија не успеа да најде објект во којшто вечер требаше да го вгости шампионот. Првичен термин за средбата беше вторник, но по барање на МВР беше поместена за два дена поради напнатата ситуација во градов по завчерашните немири по убиството на матуранот во Ѓорче Петров. Во меѓувреме, Лирија не доби дозвола од концесионерот КК „Вардар“ да ја користи малата сала во СРЦ „Кале“, каде што како домаќин играше во текот на целата сезона, а не успеа да го обезбеди ниту СЦ „Борис Трајковски“. Нејзината сала во Чаир секако не ги исполнува условите за првенствени натпревари, па откако се најде во безизлезна ситуација, Комисијата за натпреварување и ги скрати маките. Службеното го регистрираше натпреварот, но на Лирија не и одреди и дополнителна санкција во вид на преселба во понизок ранг.
На ваков начин, полуфиналната серија МЗТ Скопје-Лирија доби административна разврска, откако првата средба во саботата шампионот ја доби со 100-81 и секако важеше фаворит за пласман во плеј-оф финалето.
