На фронтот битките продолжуваат, Зеленски од Атина доби ветување за воена поддршка
Руската противвоздушна одбрана соборила четири украински беспилотни летала во близина до Москва и над областа Брјанск. Лидерот на „Вагнер“ за првпат со обраќање по бунтот против претставниците на руската одбрана. Зеленски во Атина доби уверување за воена и повоена помош...

Руската противвоздушна одбрана соборила украински беспилотни летала во близина до Москва и над областа Брјанск. Оштетени се фасадата и прозорците на зграда од 25-ката, како и голем број автомобили. Воздушниот простор над рускиот главен град беше привремено затворен. Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски од Атина доби ветување за воена поддршка. Грција ќе обучува дел од пилотите кои ќе управуваат со воените авиони Ф-16 што се обезбедени од Данска и Холандија.
„Грција се приклучи на декларацијата на Г7 за безбедносни гаранции за Украина. Оваа година се подготвуваме да иницираме преговори за членство на Украина во ЕУ, а Украина ќе биде подготвена за тоа. Благодарни сме на Грција за поддршката на нашата европска интеграција“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ве уверувам дека ќе продолжиме да го правиме истото. Ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно за да се постигне оваа света цел. Ќе застанеме покрај вашата влада и вашиот херојски народ, кој ги трпи последиците од нелегалната инвазија“, изјави премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис.
Зеленски во Грција се сретна со балканските лидери и највисоките претставници на Европската унија. На фронтот, битките продолжуваат. Руски воен авион уништил украински брод во Црно Море каде што се наоѓаат објекти за вадење руски гас, соопшти руското Министерство за одбрана. Првпат откако организираше краткотраен бунт против претставниците на одбраната во Русија, се појави и сопственикот на „Вагнер“.
„Работиме. Температурата е 50 степени Целзиусови над нулата. „Вагнер“ спроведува активности за извидување и пребарување, правејќи ја Русија уште поголема на сите континенти и ја прави Африка уште послободна. Правда и среќа за африканските луѓе. Ние го правиме животот кошмар за Ал Каеда, ИСИС и другите бандити“, изјави сопственикот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
Платеничката група спроведува и воени вежби во Белорусија на границата со Полска. Варшава веќе ја засили безбедноста на границата со дополнителни војска и опрема. Литванија пак, затвори два гранични премина со Белорусија поради геополитичките случувања. Амбасадата на САД во Минск ги повика американските државјани да ја напуштат Белорусија.
Маријана Димовска
