Ковачевски: Македонија не смее да заглави во чекалницата на ЕУ, треба одлучност за да продолжиме
Повеќе не смееме да останеме заглавени во чекалницата на Европската унија, потребни се храброст и одлучност, порача Ковачевски. Премиерот разговараше и со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен. Таа изрази надеж дека народните избраници ќе дадат поддршка за продолжување на европскиот пат на земјава…

Неносењето одлуки, немањето храброст и одлучност нема да ја помрднат земјата ниту милиметар-премиерот Ковачевски од Атина испрати порака за усвојување на неопходните уставни измени за да продолжи европскиот пат.
Првиот човек во Владата, во изјава за државната агенција МИА, вели дека има политичари кои сметаат оти треба да се чека, но според него тоа ќе придонесе Црна Гора и Албанија да отидат пред нас во преговорите, а ние да останеме во друштвото на Босна и Херцеговина и на Косово.
На состанокот во грчката престолнина посветен на 20-годишнината од Солунската агенда, Ковачевски се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Двајцата изразиле задоволство што процесот на уставните измени почнал во Собранието.
Фон дер Лајен испрати порака дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ.
„Добра размена на мислења со премиерот Димитар Ковачевски. Го поздравив доставувањето на уставните амандмани во Собранието од Владата. Се надевам дека сите партии ќе ги поддржат, за да продолжи европскиот пат на Северна Македонија“, изјави Фон дер Лајен.
По повод 20-годишнината од потпишувањето на Солунската декларација на ЕУ во Атина се одржува состанок на политичките челници на Унијата и регионот. Испратија порака дека како никогаш досега е потребна силна политичка поддршка за побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
Анита Димитријевска – Велковска
