Струга

Струшките советници од опозицијата се оградуваат од инволвираност во делата за кои се товари градоначалникот Мерко

22.08.2023 13:07

Струшките советници од опозицијата се оградуваат од инволвираност во делата за кои се товари градоначалникот Мерко од страна на Стејт Департментот. Опозицијата од струшкиот совет го повика Мерко да поднесе оставка, за да остави простор истражните органи без притисок и самостојно да вршат истрага. Одговорност бараат и од советниците кои го поддржуваат градоначалникот во како што велат незаконското работење …

Советниците од опозицијата во Советот на Општина Струга поднесоа декларација, со која се оградуваат од инволвираност во корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судски спорови и јавни постапки, дела за кои се товари градоначалникот Рамиз Мерко од страна на Стејт Департментот.

Декларацијата требаше да биде усвоена на денешната седница, но мнозинството од власта ја отфрли, по што советниците од опозицијата Алијанса на Албанците, Беса и ВМРО ДПМНЕ ја напуштија седницата.

„ВМРО-ДПМНЕ во однос на нашата советничка група одговорно тврдам под полна морална, материјална и кривична одговорност дека никогаш не гласала за било каква одлука што е спрoтивна на законот и законските прописи, напротив сите такви одлуки ги оспорувала пред сите надлежни органи и пред сите надлежни судови“, вели Ален Деребан координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата од струшкиот совет го повика градоначалникот Мерко да поднесе оставка, за да остави простор истражните органи без притисок и самостојно да вршат истрага. Одговорност бараат и од советниците кои го поддржуваат градоначалникот во како што велат незаконското работење.

„Ние како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ инсистираме на ефективна, а не на декларативна одговорност, и тоа не само на градоначалникот на Општина Струга, туку и на сите советници кои во изминатиот период свесно и слепо ги поддржуваат сите идеи иницијативи и предлози од градоначалникот, иако знаеја дека се спротивни на законските прописи“, додава Деребан.

Опозицијата ги повика и надлежните институции, Обвинителството, полицијата, правосудните органи што поскоро да ја започнат истрагата, а одговорност да понесат сите кои биле инволвирани во криминал.

 

Соња Рилковска