Повисока пензија, но и оставки побараа пензионерите од Крива Паланка
Повисока пензија, но и оставки на министерката за труд и социјална политика и претседателката на Сојузот на пензионери, побараа на денешниот протест пензионерите од Крива Паланка. Велат- не се откажуваме од нашите барања. Бараат и измени на законот за чланарина во здруженијата. Oбвинија и дека раководството е нелегитимно избрано. Од здружението пак бараат покачувањето на пензиите да се реализира институционално.

Минимална пензија од 18.000 денари, линеарно покачување од септември за 3.500 денари, но и оставки од министерката за труд и социјална политика и претседателката на Сојузот, побараа пензионерите од Крива Паланка, кои револтот го изразија во кругот на Клубот на здруженија на пензионери. На листата барања кои ќе се достават до министерството и фондот за пензиско и инвалидско осигурување се и измени на законот во делот на чланарината, како и средствата за солидарниот фонд да не се одбиваат. Обвинија и дека актуелното раководство во Крива Паланка е нелегитимно и не обезбедило превоз за протестот во Скопје.
„На лицата кои имаат работен стаж од 5 до 12 години а им е одбиен придонесот за пензиско и инвалидско осигурвање да им се доплати стажот од пензискиот фонд по добивањето на право на пензија со 15 години, да се повратат средствата по една третина од пензијата во пензискиот фонд“, истакна Борика Станоевска, иницијативен одбор Крива Паланка.
Пензионерите од Крива Паланка информираа дека масовно ќе присуствуваат на протестот кој ќе се одржи на 20-ти септември во Скопје. Реагираа на високите цени на производите, и покачувањето на платите на функционерите.
Од здружението од Крива Паланка одбија да зборат пред камерата на македонската телевизија. Појаснија дека проблемот треба да се реши на институционално ниво. Здружението брои околу 4.000 членови.
Елена Георгиевска
