Доцни учебникот по математика за трето и неколку учебници за шесто, Шаќири сепак очекува поуспешна година од лани
Новата учебна година е на прагот. Но, од први септември ќе го нема учебникот по математика за трето и неколку учебници за шесто. Таму ќе има доцнење, па учениците ќе се користат со помошни материјали од Бирото за развој на образованието. Сепак, министерот Шаќири е уверен дека годината ќе биде поуспешна од минатата, кога дел од учебниците ги немаше до самиот крај …

Од први септември ќе има учебници за најголем дел од предметите за основно и средно образование – министерот за образование Шаќири ветува успешен старт на учебната година. Но, веќе е јасно дека доцнење ќе има кај учебникот по математика за трето и кај дел од предметите за шесто одделение, па учениците ќе се снаоѓаат со помошни материјали од Бирото за развој на образованието.
Откако беше повлечен учебникот по историја и општество за петто одделение, формиран е авторски тим кој во почетокот на септември треба да достави материјали за одобрување до националната комисија.
Граѓаните се скептични дека учениците ќе имаат учебници на стартот на годината. Стравуваат оти повторно ќе се мачат со симнување материјали од интернет кои потоа ќе ги печатат.
Иако министерот уверува дека учебници на први септември ќе има, сепак вели дека ќе бидат изготвени и подготвителни материјали со цел да се избегне моментот каде што децата би останале без никакви материјали за почетокот на учебната година.
Александра Спировска
