Политика

Агелер: Не е мое да зборувам за уставните измени, но членството во ЕУ значи просперитет

22.08.2023 14:21

Знам дека одлуката е тешка, но членството на земјава во ЕУ значи просперитет и политичарите треба да го обезбедат тоа, вака американската амбасадорка Агелер го коментираше почнатиот процес на уставни измени. Социјалдемократите се убедени дека во наредниот период ќе се обезбеди мнозинство…

Како амбасадорка на земја која не е дел од Европската унија, не е мое да зборувам за уставните измени, но безбедноста и просперитетот на државата се во нејзиното пристапување во ЕУ. Ова е ставот на американската амбасадорка Агелер во светло на почетокот на собраниската седница, на којшто немаше двотретинско мнозинство за потребата од уставните измени.

Социјалдемократите се уверени дека ќе има 80 пратеници и оти уставните измени ќе се изгласаат. Според партискиот портпарол и пратеник Каевски, седницата на 18-ти август покажала дека СДСМ е во проевропскиот блок и ќе стори сè за земјава до 2030-та да стане дел од Унија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите се делегитимирани и потребни се предвремени избори. Партијата бара одговорност од спикерот Џафери, бидејќи според нив, тој го прекршил Деловникот кога го одложи гласањето.

Спикерот Џафери, пак, тврди дека постапил во рамките на Деловникот и оти негово дискрециско право како претседател на законодавниот дом, е да одлучи кога ќе продолжи седницата за гласање.

Викторија Милевска