Вучиќ: Српските функционери да бидат внимателни во изјавите, Ковачевски остро му реагираше на Курти
Српскиот претседател Вучиќ по неформалната вечера во Атина и средбата на Ковачевски, изјави дека ќе се извини ако некој се навредил во Македонија и побарал од српските функционери да бидат внимателни во изјавите...

По изјавата на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ дека Северна Македонија и Црна Гора се огрешиле кон Србија со признавањето на независноста на Косово, реагираше српскиот претседател Вучиќ кој по неформалната вечера во Атина и средбата на Ковачевски изјави дека ќе се извини ако некој се навредил во Македонија и побарал од српските функционери да бидат внимателни во изјавите.
„Видов кога Димитар Ковачевски многу силно му реагираше на Албин Курти за она што го направи во Тетово. Многу силно, јавно и отворено и сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат внимателни, да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не направат исти како Курти“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Реагираше и шефот на дипломатијата Османи, којшто побара појаснување од српскиот министер за одбрана Вучевиќ.
„Северна Македонија го отфрла мешањето и несоодветните забелешки од функционерите од соседството. Се залагаме за регионална стабилност и соработка, вклучително и со Србија и со Косово“, напиша Османи на социјалните мрежи.
И српскиот министер Вучевиќ одговори со објава.
„И покрај сите злонамерни и неосновани медиумски известувања, Србија дејствува како одговорен, доверлив и предвидлив партнер на сите наши соседи. Сепак, не можеме да пофалиме ничие непочитување на нашиот сопствен територијален интегритет“, напиша Вучевиќ по објавата на Османи.
Ирина Гелевска
