Јоханесбург

Почнува самитот БРИКС во Јужна Африка

22.08.2023 14:39

Путин не присуствува, во Јоханесбург пристигна Лавров. Главна тема на самитот БРИКС ќе биде проширувањето. На средбата се поканети претставници од повеќе од 60 земји …

Јужна Африка од денеска до 24-ти август е домаќин на самитот БРИКС на најголемите економии во развој – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. На јужноафриканскиот, кинескиот и бразилскиот претседател, како и на премиерот на Индија се очекува да им се приклучат најмалку 40 шефови на држави и влади.

Клучните прашања ќе бидат проширувањето на БРИКС, поддршката на новата развојна банка и економската соработка меѓу нивните земји.

„Во принцип постои договор за проширување на БРИКС. Дали ќе го добиеме на овој самит, мислам дека сè уште е отворено. Во зависност од тоа кои земји ќе бидат примени, тоа исто така ќе отвори дополнителни прашања зошто некои беа примени, а зошто други не. Така што мислам дека она што дефинитивно ќе го добиеме е договор за критериумите за проширување“, изјави Филани Мтембу, извршен директор на Институтот за глобален дијалог.

На самитот нема да присуствува рускиот претседател Путин поради налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства. На негово место пристигна рускиот министер за надворешни работи Лавров.

„Можете да бидете сигурни дека одлуките на кои Лавров би се согласил се одлуки кои всушност го имаат благословот на претседателот Путин. Но, има области каде што, се разбира, поради тоа што не е тука физички тој ќе биде ограничен“, додаде Мтембу.

Лидерите од економскиот блок БРИКС ќе одржат тридневни состаноци во Јоханесбург, на кои ќе присуствува и кинескиот претседател Си Џинпинг. Тој ќе го нагласи дипломатскиот капитал што неговата земја го инвестираше во блокот во последната деценија.

 

Марина Ристова