Македонија

Гори депонија во полошкиот регион, аерозагадувањето алармантно

22.08.2023 14:51

Полошкиот регион под густ чад. Гори депонија во близина на село Волковија, Општина Брвеница. Пожарот е под контрола, не може да се прошири, но сè уште чади. Аерозагадувањето алармантно.

Полошкиот регион утринава под густ црн чад. Околу еден часот по полноќ голем пожар избувна на депонијата кај село Волковија, Општина Брвеница. Пламените јазици ги зафатија илјадниците тони отпад од каде се шири чад и миризба.

Екипа на тетовската противпожарна единица интервенираат на самото место. Велат дека пожарот не може да се прошири на друго место, но потребни се повремени интервенции оти не е ставен под целосна контрола.

Нашата екипа се доближи на стотина метри до пожарот. Концесионерот на депонијата не ни дозволи да се приближиме до локацијата каде гореше. Видно револтиран кажа дека некој намерно му ја запалил депонијата. Најпрвин камерите на самата локација, за да не се остават траги, а потоа купиштата смет.

Од општина Брвеница велат дека се работи за површина на приватен сопственик за која владата има дадено дозвола за третирање на отпад.

Утринава тетовските пожарникари интервенираа и во село Челопек каде исто така гореше депонија.

Зоран Димовски