Шпанија

Османи: Интеграција пред полноправно членство во Европската унија, за тоа се неопходни неколку фази за земјите на западен Балкан

22.08.2023 15:34

Интеграција пред полноправно членство во Европската унија, за тоа се неопходни неколку фази за земјите на западен Балкан, изјави шефот на македонската дипломатија Османи, на летната академија организирана од високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Борел, во Сантандер, Шпанија. Османи ја посочи потребата од создавање заеднички пазар на Европската унија, како и ефектите од визната либерализација...

Интеграција во неколку етапи пред полноправно членство. За ова е неопходен обединет и единствен пазар на Европската унија и за земјите членки од западен Балкан. Шефот на македонската дипломатија на летната академија „Каде одиш Европо“ во шпанскиот град Сантандер рече дека шесте земји од западен Балкан се опкружени со членки на Европската унија. 18 милиони граѓани посакуваат да станат дел од Унијата иако вкупниот бруто домашен производ во споредба со европскиот изнесува само еден насто. Бариерите кон полноправно членство рече Османи се можност за влез на малигни влијанија на Балканот, потенцираше министерот.

Според шефот на надворешната и безбедносната политика борел, значајно ќе биде да се чујат ставовите на Македонија поради актуелните предизвици во земјата.

Важен фактор во интеграцијата се и зголемените фондови на унијата. За Османи новиот план на Унијата за раст на западен Балкан, ќе ги унапреди демократскиот развој и економските можности, како предуслов за помирувањето меѓу земјите од регионот.

 

 

Марија Котовска